Климатските промени се причина за зголемување на глобалните просечни температури како и на бројот и интензитетот на топлотните бранови. Тренд на раст на температурата на воздухот во втората половина на 20 век е забележан и на територијата на Република Македонија. Во поглед на трендот на врнежите регистрирани во текот на 20 век, постојат разлики на регионално и локално ниво. Како еден индикатор за промените на климата на Република Македонија се одредените повисоки средни годишни температури на воздухот во однос на повеќе годишниот просек за периодот 1961-1990 година во сите метеоролошки станици во последните 20 години, од кои најголеми промени се забележани во 2000, 2001, 2007 и 2008 година. Најголемо зголемување на температурата на воздухот во Р.Македонија до крајот на векот се предвидува за летниот период, придружено со најинтензивно намалување на врнежите. Не се очекуваат промени на врнежите во зимскиот период, но се очекува намалување во сите други сезони. Со зголемување на температурата над прагот од 20С ќе се зголемат ризиците по човековото здравје и еколошките катастрофи.
Последици од топлото време врз здравјето на луѓето
Последиците врз здравјето на луѓето од топлото време и топлотни бранови зависат од нивото на изложеност (фрекфенција, острината и времетраењето), големината на експонираната популација и нејзината сензитивност. Последиците врз здравјето можат да се појават кај сите возрасни групи како резултат на голем број фактори. Варијациите на ризикот ќе зависат од индивидуалните услови, од нивото на експозиција на топло време и топлотните бранови и способноста за адаптација на таквите временски услови.
Најчести заболувања поврзани со топлината се:
- Топлотен едем - Отекување на зглобовите, рацете и нозете, како последица на задршка на вода, што поминува за неколку дена со аклиматизација на повисоката температура.
- Топлотни грчеви - Болни грчеви во мускулите кои се јавуваат по напорна физичка работа и тоа најчесто на рацете, нозете или абдоменот.
- Топлотен исип - Одраз на отекување на потните жлезди и нивна руптура и се манифестира како мали црвени папули, чешање на вратот, лицето, горен дел од градите, под дојките, слабините и регијата на скротумот. Се јавува кај сите возрасни групи, но најчесто кај малите деца на места покриени со тесна облека.
- Топлотна исцрпеност - Жед, слабост, неудобност, вознемиреност, вртоглавица, умор и главоболки. Телесната температура може да е нормална, субнормална или лесно покачена.
- Топлотен удар - Најтешко здравствено нарушување кое се јавува поради губење на контрола над температурата на телото и неспособност за ладење по пат на потење. Температурата на телото расте и до 400С во период од 10-15 минути. Ако не се препознае на време, може да доведе до тешки оштетувања на организмот па дури и до смрт.
За време на топлотните бранови во РМакедонија во 2007 година, проценето е дека 1000 лица повеќе умреле во летниот период во споредба со просекот 2004 - 2006 година, за истиот период.
Ранливи групи на население
Топлото време и топлотните бранови предизвикуваат последици врз здравјето кај сите возрасни групи, но најзагрозени се следните групи:
- Стари лица. Со стареењето се намалува толеранцијата за топлина, жедта се манифестира подоцна, доцни механизмот на потење и бројот на потните жлезди е намален. Старите лица често страдаат од дополнителен морбидитет и земаат различни лекови.
- Доенчиња и деца до 4 години.
- Хронично болни со ендокрини заболувања, кардио-васкуларни болести, хронично белодробни болни, болести на црн дроб, бубрези и висок крвен притисок.
- Лица кои земаат лекови кои ја влошуваат дехидратацијата и исцрпеноста од топлина како и диуретици, антиинфламаторни лекови, некои антибиотици (сулфонамиди), невролептици и антидепресиви, бензодиозепини, аналгетици, бета-блокатори, АСЕ-инхибитори и други.
- Лица со зголемена телесна тежина се склони на потешкотии предизвикани од топлотните бранови заради тенденцијата да задржуваат повеќе топлина во телото.
- Лица со одредени професии кои работат во надворешни услови се повеќе изложени на влијанието на топлотните бранови или лица кои работат на работни места изложени на висока температура и топлинско зрачење.
- Лица чии социо-економски статус ги прави повеќе ранливи, кои живеат во субстандардни услови како што се бездомници, деца на улица, внатрешно раселени лица.
Општи препораки за заштита на населението од топлотни бранови
Како да се однесувате при топло време?
- Одбегнувајте напорни физички активности (вклучувајќи спорт и рекреативни активности) за време на најтоплиот период период на денот. Неопходните работи завршувајте ги до 10 часот наутро или попладне по 17 часот;
- Носете светла и тенка облека, заштитни очила и капа (светлите бои ја рефлектираат светлината).
- Останете во затворени и климатизирани простории (обичните вентилатори не помагаат кога температурата е над 350С). Затворете ги прозорците и вратите во текот на денот, а отворете ги навечер кога температурата е пониска.
- Внесувајте помала количина храна. Избегнувајте масна и високо-калорична храна, како и храна која содржи поголема количина шеќер.
- Внесувајте голема количина течност (не чекајте да бидете жедни) почнувајќи од обична вода за пиење до минерализирани безалкохолни пијалоци. Одбегнувајте алкохолни пијалаци, пијалаци кои содржат кофеин и екстремно ладни пијалаци.
- При неопходен престој на отворен простор во овој период најдете можност за почести одмори под сенка и избегнувајте директен престој на сонце.
- Туширајте се со студена вода повеќе пати во текот на денот. Ставете ладни облоги и чувајте ги нозете во студена вода.
- Кога сте во своето возило, отворето го прозорецот со цел да овозможите вентилација. Целосно затворените возила стануваат жешки. Не оставајте никого во возилото!
- Хроничните болни, особено оние со болести на срцево-садовниот систем, невролошките и белодробните болести, потребно е да бидат посебно дисциплинирани по однос на овие препораки и да ја земат својата редовна терапија. За сите промени на здравствената состојба задолжително да го консултираат својот матичен лекар.
Ако вие или другите не се чувствувате добро:
- Ако чувствувате зашеметоност, слабост, вознемиреност или имате интензивна жед и главоболка, побарајте помош, преселете се во постудено место колку што е можно побрзо и измерете ја својата телесна температура.
- Конзумирајте вода или негазиран минерален пијалак за да се рехидрирате.
- Ако имате болен мускулен грч најчесто во нозете, рацете и стомакот веднаш одморете се на студено место и конзумирајте течност која содржи електролити. Лекарска помош е потребна ако топлотните грчеви траат подолго од еден час.
- Консуктирајте се со својот доктор во случај ако почуствувате необични симптоми или ако симптомите траат подолго.
Ако некој член од Вашето семејство или лице на кое помагате има топла и сува кожа, грчеви и/или е во бесознание, повикајте 194! Додека се чека итна медицинска помош префрлете го на студено место и ставето го во хоризонтална положба, подигнете ги нозете и колковите! Отстранете ја гардеробата, воспоставете надворешно ладење како студени облоги на вратот, пазувата и слабините, постојано ладете го и прскајте ја кожата со вода! Мерете ја телесната температура!
НЕ ДАВАЈТЕ ТЕРАПИЈА АКО ЛИЦЕТО Е ВО БЕСОЗНАНИЕ, ПОСТАВЕТЕ ГО НА СТРАНА (БОЧНА ПОЗИЦИЈА) !
Други можни ризици по здравјето при високи температури - труење со храна и појава на цревни заразни заболувања:
- Задолжително миење на овошјето и зеленчукот пред нивна употреба, а по можност и нивно лупење.
- Конзумирање на термички обработена храна веднаш по подготовката. Ако тоа не се направи, подготвената храна да се разлади и да се стави во фрижидер на до +80С, а пред употребата да се загрее на +1000С.
- Избегнувајте производи кои термички не се обработени како мајонез, домашни кремови и сладолед подготвени од термички не обработени јајца.
За подетални информации околу влијанието на топлотните бранови врз човековото здравје и мерките за заштита од нивното влијание обратете се на бесплатен СОС телефон на 02/3221902 во период од 10-18ч за период на жолто ниво и 24ч. за време на црвеното ниво.
Подготвил: Д-р Емилија Богоевска