СОСТОЈБА СО ГРИП / ИНФЛУEНЦА НА ТЕРИТОРИЈАТА НА ЦЕНТАР ЗА ЈАВНО ЗДРАВЈЕ-БИТОЛА (јануари 2020)

ЕПИДЕМИОЛОШКИ НАДЗОР

Во текот на месец јануари 2020 година (од 1-та до 5-та недела) во Битола пријавени се 163 лица со грип. Во текот на истиот период минатата сезона (2018/19), во Битола беа пријавени 227 лица со симптоми на грип, што значи бројот на заболени лица оваа сезона е намален за 29% во однос на истиот период минатата сезона. Вкупниот број на заболени лица (од 40-та недела до 5-та недела) изнесува 186 лица.

Во текот на 5-тата недела (27.01.2020-02.02.2020) во Битола пријавени се 89 лица со грип со инциденција од 87,9 на 100.000 жители. Регистрираната инциденца за 5-та недела е над неделната граница на сезонска (ниска) активност на вирусот на грип, согласно МЕМ моделот за одредување на интензитет на активноста на сезонски грип.

Во Република С. Македонија во текот на 5-та недела, пријавени се 2825 лица со грип со инциденција од 136,5 на 100.000 жители, што е зголемување за 76,6% во споредба со минатата недела. Исто како и во Битола, и во Република С. Македонија, регистрираната инциденца за 5-та недела е над неделната граница на сезонска (ниска) активност на вирусот на грип.

Минатата сезона (2018/19), во Битола вкупно беа регистрирани 1428 лица со грип. Најголем број на заболени лица беа регистрирани во месец февруари односно 70% од вкупниот број на заболени лица од сезоната 2018/19 ( график 1).

gripJan2020

График 1. Неделна дистрибуција на заболените од грип во Битола, сезона 2018/19 и сезона 2019/20

На останатата територија на Центар за јавно здравје- Битола во текот на месец јануари:

  • Во Демир Хисар нема пријавено заболени лица со симптоми на грип (во истиот период минатата сезона имаше само едно лице со симптоми на грип). Сеуште не е достигнат прагот за влез во сезоната на грип.
  • Во Ресен има пријавено само едно лице, додека во истиот период минатата сезона имаше пријавено 23 лица со симптоми на грип. Сеуште не е достигнат прагот за влез во сезоната на грип.
  • Во Кичево во месец јануари 2020 има пријавено 67 лица, додека во истиот период минатата сезона имаше пријавено 76 лица со симптоми на грип. Регистрираната инциденца за 5-та недела (92.3 на 100 000 жители) е над неделната граница на сезонска (ниска) активност на вирусот на грип, согласно МЕМ моделот за одредување на интензитет на активноста на сезонски грип

Во текот на минатата сезона во Кичево беа пријавени 649 лица, Ресен 253 лица, а во Демир Хисар 21 лице со симптоми на грип.

Во текот на месец февруари се очекува зголемување на бројот на заболени лица од грип.

 

ВАКЦИНАЦИЈА ПРОТИВ ГРИП

Вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна заштита од ова заболување. Центарот за јавно здравје-Битола препорачува вакцинација на целото население, особено на лица кои припаѓаат на т.н. ризични групи (согласно препораките на СЗО):

  • Постарите лица (над 65 години)
  • Деца на возраст од 6-59 месеци
  • Лица постари од 6 месеци со хронични болести
  • Бремени жени, и
  • Здравствени работници.

За сезоната 2019/2020, Министерството за здравство набави бесплатна четиривалентна вакцина наменети за приоритетни групи население: за деца на возраст од 6 месеци до 5 години, за лица над 65 годишна возраст, лица со хронични заболувања и бремени жени во било кој период од бременоста, како и за здравствени работници. Како вакцини за останатото население кое не спаѓа во горенаведените групи беа обезбедени комерцијални вакцини од страна на Центарот за јавно здравје- Битола и истите можат да се добијат за одреден финансиски надомест (650 денари).

До 31.01.2020 година на територијата на Центар за јавно здравје- Битола вакцинирани се вкупно 5239 лица.

                                                                                      Одделение за епидемиологија

                                                                                      ЈЗУ Центар за јавно здравје-Битола

Leave a Reply