СОСТОЈБА СО ГРИП / ИНФЛУEНЦА ВО БИТОЛА (февруари 2019г.)

ЕПИДЕМИОЛОШКИ НАДЗОР

Во текот на месец февруари 2019 година (од 6-та до 9-та недела) во Битола пријавени се 968 лица со грип. Во текот на истиот период минатата сезона, вкупно беа пријавени 1103 лица, што значи оваа сезона бројот на заболени лица е намален за 12.2% во споредба со минатата сезона. Само во текот на 9-тата недела (25.02-03.03.2019) пријавени се 138 лица со инциденција од 136,3 на 100.000 жители. Вкупниот број на заболени лица за оваа сезона заклучно со месец февруари изнесува 1225, што е намалување за 19% во однос на истиот период од минатата сезона.

Според инциденцијата на грип од 9-та недела во Битола, може да се заклучи дека активноста на вирусот на грип е над неделната граница на сезонска (ниска) активност.

Во Република Македонија, во текот на 9-та недела од 2019 година пријавени се 2678 лица со грип и инциденција од 129.4 на 100.000 жители. Исто како и во Битола, и во Република Македонија регистрираната инциденција мината недела е над неделната граница на сезонска (ниска) активност на вирусот на грип. Најголем број заболени се пријавени од подрачјето на Центар за јавно здравје- Скопје (n=583), а највисока инциденца е регистрирана на подрачјето на Кавадарци (I=759,9/100.000).

Во текот на изминатата недела во Република Македонија, регистрирани се 8 смртни случаи асоцирани со грип. Се работи за 5 лица од Скопје и по едно од Делчево, Охрид и Кавадарци. Возраста на починатите се движи од 12-70 години. Кај 7 од починатите лица е утврдена претходна хронична болест/ ко-морбидитет. Кај сите починати е докажан инфлуенца А вирусот, од кои кај 5 лица е потврден А(H1pdm) вирусот на грип.

Минатата сезона (2017/18), во Битола вкупно беа регистрирани 1573 лица со грип. Најголем број на заболени лица беа регистрирани во месец февруари односно 76% од вкупниот број на заболени лица од сезоната 2017/18 ( график 1).

График 1. Неделна дистрибуција на заболените од грип во Битола, сезона 2018/19 и сезона 2017/18

grafik1Fevruari

Во текот на месец март се очекува намалување на бројот на заболени лица од грип.

ВАКЦИНАЦИЈА ПРОТИВ ГРИП

Вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна заштита од ова заболување, затоа Центарот за јавно здравје- Битола препорачува вакцинација на целото население, особено за лица кои припаѓаат на ризични групи (согласно препораките на СЗО):

* бремени жени, во било кој стадиум од бременоста

* деца на возраст од 6 месеци до 5 години

* постари лица на возраст од 65 години и повеќе

* лицата со хронични заболувања и состојби на намален имунитет

* здравствени работници.

За првпат, од оваа сезона на инфлуенца, во Р. Македонија започна бесплатна вакцинација против инфлуенца за одредена категорија на население. За таа намена, Министерството за здравство набави 3800 дози за територијата на Центар за јавно здравје- Битола (Битола, Кичево, Демир Хисар, Ресен). Дополнителни 3000 дози се набавени како комерцијални вакцини за останатото население.

Вакцинацијата со бесплатните и комерцијалните вакцини против инфлуенца се спроведува во Центарот за јавно здравје- Битола со своите подрачни единици, како и претходните сезони со тоа што за прв пат од оваа сезона, закажувањето за бесплатните вакцини е преку матичен лекар во системот Мој Термин.

До 28.02.2019 година на територијата на Центар за јавно здравје- Битола вакцинирани се вкупно 5228 лица, од кои 2988 лица со комерцијални вакцини и 2240 лица со бесплатни вакцини.

Во текот на сезоната 2017/18, вкупно беа набавени и аплицирани 3799 вакцини. Оваа сезона, до 28.02.2019 година, бројот на вакцинирани лица во регионот на Центар за јавно здравје- Битола е зголемен за 37,6% во споредба со вкупниот број на вакцинирани лица од минатата сезона.

Leave a Reply