СОСТОЈБА СО ГРИП / ИНФЛУEНЦА ВО БИТОЛА (декември 2018г.)

ЕПИДЕМИОЛОШКИ НАДЗОР

Во текот на месец декември од 2018 година во Битола пријавени се 27 лица со грип со инциденција од 26,66 на 100.000 жители. Во месец декември од минатата година 2017 пријавени беа 4 лица и инциденција од 4,19 на 100.000 жители. Вкупниот број на заболени лица за оваа сезона заклучно со 31.12.2018 година изнесува 30, што е зголемување за 3,75 пати во однос на истиот период минатата сезона.

Минатата сезона (2017/18), во Битола вкупно беа регистрирани 1573 лица со грип. Најголем број на заболени лица беа регистрирани во месец февруари односно 76% од вкупниот број на заболени лица од сезоната 2017/18 ( график 1).

Graf1Dekemvri

До сега, релативно малиот број на регистрирани случаи на грип, кој е под неделната граница за сезонска активност оди во прилог на ниска (вон-сезонска) активност на вирусот на грип на територија на Битола.

Се очекува интензивирање на активноста на вирусот на грип во наредниот период посебно во почетокот на месец февруари.

Вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна заштита од ова заболување, затоа Центарот за јавно здравје- Битола препорачува вакцинација на целото население, особено за лица кои припаѓаат на ризични групи (согласно препораките на СЗО):

* бремени жени, во било кој стадиум од бременоста

* деца на возраст од 6 месеци до 5 години

* постари лица на возраст од 65 години и повеќе,

* лицата со хронични заболувања и состојби на намален имунитет

* здравствени работници.

За првпат, од оваа сезона на инфлуенца, во Р. Македонија започна бесплатна вакцинација против инфлуенца за одредена категорија на население. За таа намена, Министерството за здравство набави 3800 дози за лицата постари од 65 години со просечна, потпросечна пензија и без примања за територијата на Центар за јавно здравје Битола (Битола, Кичево, Демир Хисар, Ресен). Дополнителни 3000 дози се набавени како комерцијални вакцини за останатото население.

ВАКЦИНАЦИЈА ПРОТИВ ГРИП

Вакцинацијата со бесплатните и комерцијалните вакцини против инфлуенца се спроведува во Центарот за јавно здравје- Битола со своите подрачни единици, како и претходните сезони со тоа што за прв пат од оваа сезона, закажувањето за бесплатните вакцини е преку матичен лекар во системот Мој Термин.

До 31.12.2018 година на територијата на Центар за јавно здравје Битола вакцинирани се вкупно 5188 лица, од кои 2956 лица со комерцијални вакцини и 2232 лица со бесплатни вакцини.

Во текот на сезоната 2017/18, вкупно беа набавени и аплицирани 3799 вакцини. Оваа сезона, до 31.12.2018 година, бројот на вакцинирани лица во регионот на Центар за јавно здравје- Битола е зголемен за 36% во споредба со вкупниот број на вакцинирани лица од минатата сезона (график 2).

Graf2dekemvri

Leave a Reply