Светски ден за борба против хепатитис – 28 јули “Тестирај. Третирај. Хепатитис”

Светската Здравствена Организација и оваа година го одбележува Светскиот ден за борба против хепатитис на 28 Јули под мотото “Тестирај. Третирај. Хепатитис”.

Постојат пет типови на хепатитис и тоа А, Б, Ц, Д и Е. Различните типови на хепатитис имаат различен начин на пренос на заболувањето, а исто така имаат и различен исход од лекувањето.

Хепатитис А најчесто се пренесува преку вода, храна или предмети кои се заразени со измет од лице кое е веќе болно или преку дирекетен контакт со болно лице. Хепатитис А не предизвикува трајни оштетувања на црниот дроб, ретко е фатален, но сепак може да предизвика потешки симптоми. Хепатитис А се спречува со редовно миење на рацете, пиење на исправна вода, користење на безбедна храна и вакцинација.

Хепатитис Б често се пренесува од заразена мајка на детето при породувањето. Инфекцијата се пренесува и преку контакт со заразена крв и други телесни течности преку инјектирање на дроги со заразени шприцеви и игли, тетовирање, пирсирање, сексуален контакт со заразено лице. Хепатитис Б може да предизвка акутно, но и хронично заболување кое може да доведе до појава на цироза или малигно заболување на црниот дроб. Вакцинацијата против Хепатитис Б е најдобра мерка за заштита.

Повеќе од 60% од случаите на карцином на црниот дроб се заради задоцнето тестирање и третирање на инфекциите со вирусните хепатит и C

Хепатитис Ц се пренесува преку контакт со крв од заразено лице. Заразувањето настанува преку користење на нестерилни игли и шприцеви при инјектирање на дроги, тетовирање, пирсирање и др. Пренесувањето од мајка на дете е исто така возможно. Болеста може да биде акутна и хронична, но кај повеќето лица се манифестира со хроничност кој може да премине во цироза или малигно заболување на црниот дроб. Моментално не постои вакцина против хепатитис Ц. Најдобра мерка на превенција за ова заболување кај лицата кои инјектираат дроги како највулнерабилна група е користење на шприцеви и игли за еднократна употреба. Исто така се препорачува користење на презервативи како заштитна мерка за спречување на ширењето на заболувањето по сексуален пат.

Заедно, хепатитис Б и Ц претставуваат глобален јавноздравствен проблем кој афтектира околу 325 милиони луѓе ширум светот. Тие претставуваат и главна причина за појава на малигни заболувања на црниот дроб, со 1.34 милиони смртни случаи годишно. Најмалку 60% од малигните заболувања на црниот дроб се јавуваат како резултат на задоцнето тестирање и лекување на хепатитис Б и Ц.

Хепатитис Д се пренесува преку заразена крв, и се јавува кај лица кои се веќе инфицирани со Хепатитис Б. Лицата кои не се заразени можат да го спречат заболувањето преку вакцинирање со вакцината против Хепатитис Б.

Хепатитис Е се пренесува најчесто преку контаминирана вода. Болеста најчесто поминува сама по себе за 4 до 6 седмици, но кај бремените жени постои ризик за смртност. Користење на безбедна храна и вода, како и подобрена санитација ќе го спречи заболувањето.

ЈЗУ Центар за јавно здравје – Битола и оваа година активно се вклучува во одбележувањето на Светскиот ден за борба против хепатитис со одржување на здравствено-воспитни активности во КПУ “Затвор” – Битола и ДООЕЛ “Кромберг и Шуберт”. Централниот настан ќе се одржи на Широк Сокак на 27.07 (петок) со почеток во 10 часот. Целта на овој настан е да се подигне свеста на населението за опасноста од хепатитис и истовремено да се информираат граѓаните на кој начин можат да се заштитат. Покрај тоа, присутните лица ќе имаат можност и за анонимно советување и тестирање за ХИВ/СИДА. Центарот за јавно здравје – Битола ги повикува своите граѓани да бидат дел од оваа манифестација.

Leave a Reply