Мали сипаници и како да се заштитите

Што се мали сипаници?

Малите сипаници (морбили) се едно од најзаразните вирусни заболувања, предизвикано од Morbilli virus.

Кои се симптомите?

Симптоми по кои болеста се препознава:

●висока температура над 39°C и малаксаност,

●главоболка,

●болка и гребење во грло,

●сува кашлица, течење од нос,

●црвени, отечени и насолзени очи и

●карактеристичен исип по кожа и слузокожа.

Исипот почнува од главата (зад ушите, косматиот дел на главата, лицето, вратот), па се шири надолу по целото тело “како вода од туш”, присутен е и на дланките и табаните. Исипот на слузокожата на усната празнина и мекото непце личи на расфрлени зрнца гриз, на црвената слузокожа.

Вирусот се пренесува преку воздух, со ситните капки секрет кои при кашлање, кивање и зборување ги исфрлаат болните или заразени лица.

Извор на заразата е заболениот, 4 дена пред и 4 после појава на исипот. Вирусот се пренесува многу лесно од човек на човек , повеќе од 90% од лицата кои биле во контакт со болниот ќе заболат, доколку не се вакцинирани или не ја прележале болеста.

Вирусот преживува до 2 часа во надворешната средина, што дава можност за индиректно пренесување преку свежо загадени предмети, детски играчки, работни површини и сл.

Најчести компликации се воспаление на средно уво, воспаление на дишните патишта и белите дробови, појава на слепило, воспаление на мозокот и мозочните обвивки, а можен е и смртен завршеток како исход на тешките компликации. Болеста најчесто се комплицира кај деца под 5-годишна возраст или кај возрасни над 20 години.

  • Во 2015 година, од комликации на мали сипаници во светот умреле 134.200 лица на глобално ниво – околу 367 смртни случаи секој ден или 15 смртни случаи секој час!
  • Проценката на СЗО во 1980 година, пред широкото распространување на вакцинацијата против мали сипаници, вели дека од оваа болест умирале околу 2,6 милиони деца во светот, секоја година!

Како се лекуваат заболените?

Нема специфична терапија за мали сипаници. Лекувањето е симптоматско, а во случај на компликации се спроведуваат различни методи на лекување. Лицата кои прележале мали сипаници се здобиваат со имунитет кој трае за време на целиот нивен живот.

Лицата кои не се вакцинирани против мали сипаници се во ризик да заболат и да ја шират болеста на оние кои не можат да се вакцинираат заради одредени здравствени состојби или не ја достигнале возраста за вакцинација. ЗАТОА, ВАКЦИНАЦИЈАТА Е НАЈДОБАР НАЧИН ДА СЕ ЗАШТИТИТЕ СЕБЕСИ И ДРУГИТЕ!

Неколку факти: ►Во периодот 2000-2015, вакцинацијата против мали сипаници предизвика пад на смртноста од оваа болест на глобално ниво за 79%! ►Во истиот 15-годишен период, вакцинацијата против мали сипаници спречи околу 20,3 милиони смртни случаи, што ја прави вакцината против мали сипаници една од најдобрите јавно-здравствени мерки!

The MMR vaccine Ev1

Бидете сигурни дека Вашето дете е комплетно вакцинирано: Проверете во Картонот за вакцинација / Здравствената легитимација или побарајте помош од Вашиот матичен лекар! Доколку Вашето дете не е навремено вакцинирано согласно возраста, ВЕДНАШ однесете го во Службата за вакцинација за да биде вакцинирано!

 

НАЈДОБАР НАЧИН ДА ГО ЗАШТИТИТЕ ВАШЕТО ДЕТЕ ОД МАЛИ СИПАНИЦИ Е ДА ГО ВАКЦИНИРАТЕ ПРОТИВ ОВАА БОЛЕСТ, БИДЕЈЌИ ВАКЦИНАЦИЈАТА Е ЕДИНСТВЕНА УСПЕШНА ПРЕВЕНТИВНА МЕРКА!

На глобално ниво, Светската здравствена организација ја постави целта за елиминација на малите сипаници до 2020 година!!!

Едукативниот флаер: Flaer_ morbili za naselenie_2017 (1)

Leave a Reply