Аџилак во Мека во 2017 година

Центар за јавно здравје Битола во прилог Ви ги доставува здравствени побарувања и препораки за патници на Аџилак во Мека во 2017 година, согласно Министерството за здравство на Саудиска Арабија.

Министерството за здравство (МЗ) на Саудиска Арабија ги издаде следниве барања и препораки за добивање на виза за влез за 2017/1438H-Hajj и Umrah:

Жолта треска

Во согласност со Меѓународниот здравствен правилник 2005, сите патници кои пристигнуваат од земји или подрачја со ризик од пренос на жолта треска мора да имаат валиден сертификат за вакцинација против жолта треска. Македонија не спаѓа во овие земји, затоа за граѓаните на Република Македонија не е потребен сертификат ниту вакцинација против жолта треска.

Менингококен менингитис

Посетителите кои пристигнуваат во Саудиска Арабија заради Hajj или Umrah се должни да достават потврда за вакцинација со четиривалентна (ACYW135) вакцина против менингококен менингитис, докажувајќи дека вакцината била дадена не помалку од 10 дена пред пристигнувањето во Саудиска Арабија. Двете вакцини, и полисахаридната и конјугираната вакцина се валидни опции; првата дава заштита од најмалку три години, а втората најмалку пет години. Од давањето на вакцината не треба да се поминати повеќе од 3 и 5 години, соодветно, пред пристигнување во земјата. Надлежните органи во земјата на потекло на патникот треба да им обезбедат на возрасните и децата постари од 2 години, една доза на четиривалентна (ACYW135) вакцина против менингококен менингит и јасно да го наведат името на вакцината во вакциналниот картон. Треба да се има во предвид дека сертификатот за конјугираната менингококна вакцина важи 5 години. Сепак, на сертификатот мора јасно да биде наведено дека е примена конјугирана менингококната вакцина. Доколку типот на вакцината не е наведен во сертификатот, тогаш ќе се претпостави дека не е дадена конјугирана вакцина и валидноста на сертификатот важи 3 години.

Сезонски грип

Сите меѓународни аџии треба да се вакцинираат против сезонски грип со најновите достапни вакцини, односно оние за јужната хемисфера 2016 година, пред да пристигнат во Саудиска Арабија, особено оние кои се изложени на зголемен ризик од тешка форма на грип вклучувајќи ги бремените жени, децата на возраст од 5 години, постари лица и лица со коморбидитети како што се астма, хронична срцева или белодробна болест и инфекција од ХИВ/СИДА.

Зика и денга

Комарецот Aedes aegypti не е откриеен во областите за Hajj и Umrah долг период. Сепак овој комарец е присутен во околните градови. Се препорачува на патниците за Hajj и Umrah да преземат мерки за избегнување на убод од инсекти во текот на дневните и ноќните часови за да го намалат ризикот од инфекција.

Здравствена едукација

Здравствените власти во земјите на потекло се обврзани да им обезбедат информации на аџиите за: симптомите на заразните болести, начини на пренесување, компликации и средства за превенција, како и за промени на температурата што може да имаат негативни ефекти врз здравјето на луѓето. Аџиите треба да се потсетат да пијат доволно течност за да може да одржуваат вообичаено производство на урина, а постарите патници треба да внимаваат да пијат дополнителна количина на течности во услови на високи надворешни температури. Исто така, треба да се препорача во случај на исцрпеност од топлина и прекумерно потење, употреба на храна и пијалоци што содржат сол (освен ако не е контраиндицирано!!!) што помага да се надополнат изгубените електролити. Земјите и поединците, се охрабруваат да ги разгледаат физичката способност и здравствената состојба на лицата кои аплицираат за Hajj и Umrah. Оние со сериозни медицински состојби како што се терминални канцери, напредни кардиолошки и респираторни заболувања, заболувања на црниот дроб или бубрезите и сенилност треба да бидат изземени од овие верски должности.

Храна

На аџиите не им е дозволено да носат свежа храна во Саудиска Арабија. Само правилно конзервирана или запечатена храна или храна во садови со лесен пристап за инспекција е дозволена, и тоа во мали количини што се доволни за едно лице за време на траењето на неговото/нејзиното патување.

Меѓународен одговор кон епидемија

Саудиското Министерство за здравство препорачува лицата на возраст над 65 години и оние со хронични заболувања – срцеви, бубрежни, заболувања на дишните патишта, дијабетес, и аџии со имунолошки дефицит – вроден и стекнат, малигни заболувања и заболувања во терминален стадиум, бремени жени и деца на возраст под 12 години кои планираат да патуваат за Hajj и Umrah оваа година, да го одложат патувањето заради своја безбедност.

За да се спречи ширењето на респираторни заразни болести, Министерството за здравство на Саудиска Арабија, исто така, ги советува сите аџии да се придржуваат кон заедничките јавно-здравствени препораки, односно општи мерки за заштита од овие заразни болести, како што се:

 Миење на рацете со сапун и вода или дезинфекција, особено по кашлање и кивање, по користење на тоалети, пред ракување и конзумирање храна, по допирање на животните;

 Користење на марамчиња за еднократна употреба при кашлање или кивање и фрлање во корпа за отпадоци по употреба;

 Колку што е можно да се избегнува контакт на рацете со очите, носот и устата;

 Носење маски, особено кога се наоѓаат во места со голем број на луѓе (пренатрупаност);

 Избегнување на директен контакт со лица кои изгледаат болни, односно кашлаат, киваат, искашлуваат, повраќаат, имаат пролив и несподелување на лични предмети;

 Одржување на добра лична хигиена;

 Избегнување близок контакт со животни, особено со камили, при посета на фарми, пазари или штали;

 Избегнување контакт со болни животни;

 Избегнување на пиење сурово млеко од камила или урина од камила или јадење месо кое не е термички обработено.

Строго се препорачува ажурирање на вакцинацијата против болести кои може да се спречат со вакцини кај сите патници!

 

 

Подготовката за меѓународно патување дава можност за преглед на вакциналниот статус на патниците. На нецелосно имунизираните патници треба да им се понудат рутинските вакцини препорачани во националните календари за имунизација (дифтерија, тетанус, голема кашлица, полио (детска парализа), мали сипаници и заушки), покрај оние вакцини кои се потребни за специфичното патување (на пр.менингококната вакцинација за Hajj).

Во случај на јавно-здравствена вонредна состојба од меѓународно здравствено значење или во случај на појава на болест која е предмет на известување според Меѓународниот здравствен правилник 2005, здравствените власти во Саудиска Арабија ќе преземат дополнителни превентивни мерки (кои не се вклучени во мерките споменати погоре) по консултации со СЗО кои се неопходни за да се избегне ширење на инфекцијата за време на аџилакот или при враќањето во земјата на потекло.

Дополнителни брошури и корисни информации можете да најдете на следните линкови:

brosura MERS.FINAL.obr.MK -NOVA 2017_final (1)

brosura MERS.FINAL_NOVO 2017-al (1)

Превземено од

Институт за јавно здравје на РМ

Leave a Reply