АКТУЕЛНО: Хеморагична треска

Хеморагична треска со бубрежен синдром – информации за јавноста

Хеморагичната треска со бубрежен синдром (ХТБС) припаѓа на групата на хеморагични трески во која се вбројуваат и Конго-кримската хеморагична треска, жолта треска, денга и слично. Сепак, според една карактеристика е многу различна од другите болести во оваа група – не постои пренос од човек на човек.

 

Резервоарот на инфекцијата е полски глушец, а вирусот се пренесува на луѓето преку изложеност на телесни течности или излачувања или во директен контакт со глувци. Вирусот се излачува во животната средина преку урина, измет и плунка на заразените глувци кои немаат никави симптоми на болеста.

Човекот може да се зарази преку директен контакт со секретите од глувци, преку оштетена кожа или слузокожа на очи, уста, нос, конзумирање на загадена храна или вода, како и вдишување на прашина која содржи суви излачевини. Инфекцијата се јавува само при свежа контаминација на околината со излачевини од глувците кои го содржат вирусот.

mice

 

Периодот на инкубација, односно времето што поминува од моментот на инфекција до почетокот на болеста се движи од неколку дена до речиси два месеци, обично две до четири недели.

Болеста се карактеризира со висока температура, малаксаност, гадење, повраќање, крварења по кожата, слузокожата, внатрешните органи и oштетување на бубрезите. Смртноста од болеста е помеѓу 0,5 и 15%.

ХТБС е распространета низ целиот свет. Притоа, во различни делови од светот превалираат различни вируси, предизвикувачи на оваа болест. Вирусот Haantaаn е широко распространет во источна Азија, особено во Кина, Русија и Кореја. Вирусот Puumala се наоѓа во Скандинавија, западна Европа и западна Русија. Вирусот Belgrade-Dobrava се наоѓа првенствено на Балканот, а вирусот Seoul се наоѓа во целиот свет. Saaremaa се наоѓа во централна Европа и Скандинавија.

Во Република Македонија, хеморагичната треска со бубрежен синдром подлежи на задолжително пријавување од 2004 година. Во 2009 и во 2016 година се пријавени по еден случај од ова заболување, а во текот на 2017 година, потврдени се 5 случаи. Во Европа во текот на 2017 се забележува зголемување на бројот на случаи во Австрија, БиХ, Хрватска, Франција, Германија, Луксембург, Словенија, Словачка, Албанија и Турција.

Болеста има сезонски карактер, најголем број на случаи се регистрираат во пролет, почеток на летото и есента, кога повеќе луѓе престојуваат на отворено. Човекот е изложен на можност за заразување при работа во градина, на поле, во шума или при рекреативни активности на отворено, како кампување, излети, пливање во диви капалишта и слично.

 

 Превенција

Постојат два начини на превенција – уништување/намалување на бројот на глодари преку спроведување на дератизација и намалување на можноста за контакт со дивите глодари и нивните излачевини.

  • Уништување на глодарите се врши под надзор на стручни служби во и околу населените места во близина на жариштата, преку поставување на мамци каде најчесто се забележани глувците (штали, амбари со жито, подруми).
  • Со цел да се намали потенцијалната изложеност на резервоари на инфекција, потребно е да се избегне престојување во природните жаришта, на места со бујна вегетација на грмушките каде се размножуваат глодарите. Од суштинско значење е храната и водата за пиење да се чуваат во соодветни услови за да се спречи пристапот на глодари, особено за време на престој во поле, шума, при пикник.
  • Потребно е да се избегне директно лежење на земја, особено ако на теренот е забележано присуство на глодари.
  • Површините кои се контаминирани со глодари и нивни излачувања прво треба да се испрскаат со средство за дезинфекција (пр. варикина) и да не се чисти со метла или правосмукање (да се избегне дигање на прашина!), туку употреба на влажни крпи натопени со средство за дезинфекција.
  • При извршување на работи на терен при кои се подига прашина, треба да се стави маска преку носот и устата.
  • Доколку по поминато време на отворено се јават знаци или симптоми типични за болеста, потребно е итно да побарате медицинска помош и да се јавите кај вашиот лекар за навремено лекување.

Конго-кримска хеморагична треска – информации за населението

*http://www.who.int/mediacentre/factsheets/fs208/en/

Факти

  1. Конго-кримската хеморагична треска (ККХТ) е широко распространета болест која се пренесува преку крлежи, предизвикана од вирус (Nairovirus) од семејството Bunyaviridae.
  2. Вирусот на Конго-кримска хеморагична треска предизвикува сериозни епидемии на вирусна хеморагична треска.
  3. Смртноста од ККХТ достигнува и до 40%.
  4. Вирусот се пренесува на човек пред се од крлежи на домашни животни. Преносот од човек на човек може да се случи како резултат на близок контакт со крв, излачевини, органи или други телесни течности на заболените лица.
  5. ККХТ е ендемична во Африка, на Балканот, Блискиот Исток и Азија.
  6. Не постои вакцина за луѓето и животните, а лекувањето е симптоматско.

Пренесување

Вирусот на ККХТ се пренесува на луѓето или по каснување од крлеж или преку контакт со заразена крв или животински ткива за време и непосредно по колењето на животните. Поголемиот дел од случаите на заболување се однесуваат на луѓе кои се вклучени во работа со добиток, како што се земјоделските работници, работници во кланици и ветеринарите.

Преносот од човек на човек може да се случи како резултат на близок контакт со крв, излачевини, органи или други телесни течности на заболените лица.

993b39ad0b5088a8402e7d2f3f388a14

Знаци и симптоми

Должината на периодот од заразување до појава на симптоми зависи од начинот на стекнување на вирусот. По инфекцијата со каснување од крлеж, периодот е обично еден до три дена, со максимум од девет дена. Периодот по контакт со заразена крв или ткива е обично пет до шест дена, со документирани максимум 13 дена.

Почетокот на болеста е ненадеен, со главоболка, висока температура, болки во грбот, болки во зглобовите, болки во стомакот и повраќање. Црвени очи, зацрвенето лице, црвено грло, и црвени дамки на непцето, се исто така присутни. Може да се јави жолтица, а во потешки случаи, промени во расположението. Како што напредува болеста, на телото на заболениот се јавуваат големи делови со модрици, како и крварење од носот. Закрепнувањето е бавно.

Прва опишана епидемија на ова заболување  во Република Македонија е во 1971 година при што заболеле 13 лица со два смртни исхода во едно семејство во с. Чифлик – Тетово. По оваа епидемија, лабораториски е потврден еден случај во 2010 година. Со оглед дека постојат услови за природни жаришта и на други подрачја во нашата република и ова заболување претставува потенцијална опасност. Од соседните земји, болеста е ендемска во Косово, а регистрирани се спорадични случаи и во неколку други европски земји.

 

Превенција и контрола

Мерките за превенција и контрола на заболувањето се насочени кон:

  • Намалување на ризикот од пренос од крлеж на човек
    • Доколку престојувате во место каде што има крлежи, носете облека која нема да остава откриени делови од телото – покријте ги рацете, нозете и другите експонирани делови – врат, глава;
    • Носете светло обоена облека за да се овозможи лесно откривање на крлежи на облеката;
    • Испрскајте ја облеката со спреј на база на синтетски пиретроид – перметрин или употребете купена, специјално третирана со перметрин облека, за да се намали можноста за закачување на крлежите на облеката. Внимавајте да не прскате од спрејот на кожата на откриените делови од телото;
    • Дополнителна заштита ќе ви обезбедат репелентите против крлежи и инсекти со посебна состојка, кои можат да се нанесуваат на гола кожа. За постигнување на максимален ефект, нанесувајте репелент на секои 1-2 часа, ако престојот во ризични предели е подолготраен (поновите хемиски производи овозможуваат заштита од 8-12 часа). Употребувајте ги според пропишаното упатство, бидејќи при честа и ексцесивна употреба кај деца, иако ретко, можни се несакани ефекти во смисла на сериозни невролошки компликации;
    • После можна експозиција на убоди од крлежи, направете детална проверка на своето тело и облека, како и на телото и облеката на вашите децата. Посебно внимание посветете им на влакнестите делови од телото, каде крлежите најчесто се закачуваат, вклучително и главата, вратот и пределот зад ушите, особено кај децата. Крлежите исто често се закачуваат во прегибите на телото (во пазувите, во препоните, под градите кај жените, стомачните прегиби и сл);
    • Настојувајте да ги контролирате животните за присуство на крлежи и доколку има соодветно да се елиминираат; и
  • Избегнувајте региони каде се присутни крлежи и делови од годината кога се тие најактивни.
  • Намалување на ризикот од пренос од животно на човек:
    • Носете ракавици и друга заштитна облека додека ракувате со животни или нивни ткива во ендемични области, особено за време на колење;
    • Карантин на животните пред да влезат во кланици или рутински да се третираат со пестициди, две недели пред колењето.
  • Намалување на ризикот од пренос од човек на човек:
    • Избегнете близок физички контакт со лица заболени од ККХТ;
    • Носете ракавици и заштитна опрема кога се грижите за болните луѓе;
    • Редовно мијте ги рацете со вода и сапун после активностите за грижа/нега или посетата на болните луѓе.

 

Превземено од:

Сектор за контрола и превенција на заразни заболувања

Институт за јавно здравје 

Leave a Reply