Светски ден на водата 2017 – Отпадни води

Светскиот ден на водата 22 март, оваа година се одбележува под мотото „Отпадни води“. Целта на пораката е да се влијае на света на луѓето за намалување на загадувањето преку пречистување на загадените отпадни води на глобално ниво, а со тоа и зачувување на водените ресурси како непроценливо богатсво.

Во Република Македонија проблемот со отпадните води и третманот на истите е истакнат како еден од најголемите проблеми. Изградбата на пречистителни станици, а со тоа и решавање на третманот на отпадните води ќе придонесе кон достигнување на европските стандарди во областа на квалитетот на површинските води како и подобрување на стандардите за квалитетот на јавните услуги обезбедени за населението.

На подрачјето на Пелагонискиот регион кој што го покрива ЈЗУ Центар за јавно здравје Битола, општина Могила има изградено пречистителна станица која врши механичко пречистување само на комуналните отпадни води од село Могила. Делумно пречистените отпадни води преку Река Шемница се влеваат во Црна Река.

Општините Битола и Новаци немаат изградено пречистителни станици за третирање на комуналните отпадни води од градот Битола и од останатите околни села. Комуналните отпадни води како и дел од индустриските отпадни води од градот и околните села на општините, непречистени преку канали се влеваат во Црна река со што се нарушува квалитетот на површинските води, се загрозува опстанокот на живиот свет во реката, а низводното користење на водата од реката за наводнување претставува потенцијална опасност по здравјето на населението.

Безбедна и исправна вода за пиење во доволни количини ги подобрува условите за живот, ја подигнува на повисоко ниво здравствената култура и ја унапредува животната средина.

 

Водата и санитацијата се едни од примарните движечки сили на јавното здравје. Еднаш кога ние ќе можеме да обезбедиме пристап до безбедна вода и соодветни објекти за санитација за сите луѓе, без разлика на нивните услови на живеење, големата битка против сите видови заболувања ќе биде добиена“, (Dr. Lee Jong – wook, поранешен генерален директор, СЗО).

Безбедна и исправна вода за пиење во доволни количини ги подобрува условите за живот, ја подигнува на повисоко ниво здравствената култура и ја унапредува животната средина.

Одделението по хигиена и здравствена екологија при ЈЗУ Центар за јавно здравје Битола има изработено Извештај за следење на состојбата со водоснабдување и квалитетот на водата за пиење во Општините Битола, Могила и Новаци за 2016 година. Од извештајот е утврдено дека 90 845 жители или 86,4% од вкупното население во трите општини, со вода за пиење се снабдуваат од централен водоснабдителен систем управуван од Јавното комунално претпријатие ЈКП „Водовод“ Битола, кое ги исполнува законските обврски во однос на обезбедување и контрола на безбедноста на водата за пиење. Останатите 14 239 жители или 13,6% од вкупното население во трите општини, со вода за пиење се снабдуваат од локални јавни водоснабдителни системи со кои не стопанисува Јавно претпријатие и во најголем број на овие објекти водата не се дезинфицира, а доколку се дезинфицира со хлорни препарати тоа се врши нерамномерно и нередовно.

 

 

Во текот на 2016 година земени и анализирани се вкупно 519 примероци на вода за пиење од градската мрежа и селата приклучени на градскиот водовод Битола. Сите примероци покажаа бактериолошка и физичко-хемиска исправност и овие жители користат безбедна вода за пиење.

Од селата приклучени на локални водоснабдителни објекти, во текот на 2016 година земени и анализирани се вкупно 282 примероци на вода за пиење. Од вкупниот број на анализирани примероци, во однос на физичко-хемиските параметри неисправни се 12 примероци или 4,2 % и тоа поради зголемена матност и присуство на органски нечистотии. Во однос на бактериолошката анализа неисправни се 219 примероци или 77.6 % од вкупниот број анализирани примероци. Врз основа на овие резултати може да се утврди дека овие жители пијат небезбедна вода која претставува епидемиолошки ризик по нивното здравје.

16681475_676111662550857_8287452345196944890_n.png

 

Изготвил

Др.Емилија Богоевска, специјалист по хигиена

 

Leave a Reply