Научете што е туларемија

Туларемијата е акутна заразна болест од која заболуваат и луѓето и животните, а ја предизвикува бактерија. Ова заболување припаѓа на групата зоонози, односно природно-огнишни инфекции. Болеста не се пренесува од човек на човек.

Кој ја предизвикува болеста?

Предизвикувач на заболувањето е бактерија, која е отпорна во надворешната средина и долго се одржува во мршите на умрени животни, во сировите кожи, во почвата, во површинските води и прехрамбенте продукти. Отпорни се и долго преживуваат на ниски температури, додека високите температури брзо ги уништуваат. Од средствата за дезинфекција најчувствителни се и најбрзо ги уништуваат хлорните препарати. Осетливи се и на формалин, а 50% раствор на алкохол ги уништува за 5 минути.

Како се пренесува болеста?

Туларемијата е примарно заболување на животните, пред сé голем број видови диви глодари, кои се резервоар на ова заболување. Ги има над 100 во целиот свет, а од нив најзначајни се домашните и полските глувци, зајаците, стаорците, водените стаорци, вервериците, куните, како и волците, лисиците, диви свињи,елени, ежови и многу други животни. Домашните животни поретко заболуваат, а природна инфекција е утврдена кај овци, мачки, кучиња и свињи.

Во природата, заболувањето се шири меѓу глодарите и дивите животни најчестопреку крлежите и вошките кои паразитираат на нив, ама може да се пренесе и преку комарци, коњски муви, обади, како и преку загадени води и кал, во коиинфицираните глодари ги исфрлаат бактериите во надворешната средина преку мочта и изметот.

Човекот може да се зарази од туларемија на сите можни начини, односно по сите познати епидемиолошки патишта на пренесување на болеста и тоа:

¨ Контакт – директен или индиректен

Доволен е директен контакт на кожата или слузницата на човекот, особено ако е оштетена, со ткива, крв, моч, измет на заразени животни: при дерење, сечење на месо, подготвување на јадења од контаминирано месо, или само нивно допирање.

¨ Преку вектори – инсекти

Човекот се заразува при каснување од крлежи, вошки, обади, комарци и др. инсекти кои се заразени со оваа бактерија.

¨ Преку загадена храна и вода (алиментарен пат)

Инфекцијата настанува после пиење на контаминирана вода со измет, моч,пцовисани глодари, или после консумирање на контаминирана храна (најчесто после недоволно печено/варено месо од зајак или други животни). Се смета дека зајачкото месо може да остане заразно после замрзнување со месеци, па дури и неколку години, но температура од 60°Ц ја уништува бактеријата за 10 мин, а на 100°Ц бактериите угинуваат за неколку секунди.

¨ Преку дишните патишта

Заразувањето настанува со вдишување на прашина контаминирана со бацили на туларемија.

Кој и кога може да заболи, дали болеста остава имунитет?

Најчесто заболуваат луѓето кои се изложени на поблиски и почести контакти со животни и нивни продукти, односно оние кои се професионално изложени на поголем ризик, како на пр: сточари, касапи, месари, шумари, полски работници,ветеринарни работници, ловци, кулинари кои подготвуваат храна од дивеч и

домаќинки.

Болеста кај луѓето обично се јавува со поединечни случаи, но може да се јави и во форма на епидемија.

Секој може да заболи од туларемија, без оглед на полот, возраста, расата, верска припадност.

Случаи на туларемија може да се јават во текот на целата година, сепак почестосе регистрираат во периодот на доцна пролет и лето.

По прележување на болеста останува солиден имунитет, но времетраењето на истиот не е познато и постои можност за повторно заболување (реинфекција).

Каде ја има туларемијата?

Туларемијата е болест која е распространета на Северната земјина полутопка, како и мал дел од јужно-американскиот континент (Мексико и Венецуела).

За постоење на природни жаришта на ова заболување во Република Македонија се знаело уште во 1968 година, кога предизвикувачот на туларемија бил докажан кај дивите глодари.

Првите регистрирани случаи на заболување од туларемија кај луѓето во нашата земја биле во епидемијата на туларемија во с. Митрашинци, Беровско, во 1995 година. Во 2010 година, регистрирана е уште една епидемија на туларемија во с. Врапчиште, Гостиварско.

Во 2011 година регистриран е еден спорадичен случај на заболено лице од Скопје.

Кои се симптомите на заболувањето?

Во зависност од местото на влез на бактеријата во организмот на човекот, туларемијата може да се манифестира во неколку различни форми.

Кај сите клинички форми, после инкубација од 3-7 дена, почетокот на болеста се карактеризира со: покачена температура, треска, потење, силни главоболки, болки во целото тело и општа слабост и малаксаност. Болеста обично трае од 2 до 4 недели.

Жлездана форма – најчесто се зафатени подвиличните и вратните лимфни јазли кои отекуваат, но нема кожни лезии. Отокот може да трае подолго време (со недели или месеци). Жлездите може да размекнат, да загнојат, при што настанува пробивање на кожата и долготрајно гноење.

Улцеро-жлездана форма – се карактеризира со појава на воспалителна реакција на влезната врата (кожа) во вид на меурче кое пука и се отвара рана која тешко зараснува, како и оток на регионална лимфни жлезди.

Лимфните јазли некротизираат, а потоа се формира лузна, но често можат да загнојат, како кај жлезданата форма.

Туларемија на окото се јавува воспаление на слузницата на окото (црвенило и солзење) и групи на ситни меурчиња, како и оток на регионалните лимфни жлезди.

Ангинозна форма – се манифестира во вид на воспаление на усната слузница, грлото или крајниците, кои можат да некротизираат и да остават длабоки дефекти, како и отекување на вратните лимфни жлезди.

Белодробната форма – е примарно белодробно заболување, кое настанува со вдишување на причинителот (најчесто при лабораториска работа, при работа со сено или слама во штали, амбари, на поле). Се манифестира како бронхит, плеврит или бронхопневмонија.

Цревна форма – се карактеризира со појава на болки во стомакот, повраќање, проливи.

Тифоидна или генерализирана форма висока температура, тешка општа интоксикација со тифозна состојба, оток на слезенката и исип по кожата.

Како се дијагностицира и лекува?

Дијагнозата на болеста се поставува врз база на микробиолошки тестови со различни методи.

Болеста успешно се лекува со примена на антибиотици, како и симптоматска терапија. Прогнозата е добра и болеста завршува со излекување.

Како да се заштитите од туларемија?

  1. Да се избегнува секаков контакт со глодари и нивни излачувања.
  2. Да не се допираат диви животни во природата кои покажуваат знаци на болест- не бегаат од човекот, ниту нивните мртви тела.
  3. Заштита од убоди од крлежи и други инсекти за време на престој во природа,со употреба на хемиски средства и репеленти или друг вид на заштита (носење ракавици, чизми, заштитни маски и облека, импрегнирана облека со инсектицид).

Ова особено се однесува на лицата кои заради природата на својата професија или заради рекреација почесто престојуваат во природа или ракуваат со животни и нивни продукти.

4 . Правилно чување на храната и нејзина заштита од контакт со глодари и инсекти.

5 . Да не се употребува за исхрана месо на дивеч (особено зајачко месо), ако е од сомнително потекло или ако се знае дека во моментот има болест кај животните.

6 . Задолжителна термичка обработка на месото од животни, особено од диви животни (печење, варење на висока температура над 70°, повеќе од половина час).

5 . Употреба на заштитна облека (ракавици, маски, престилки) на лицата кои ракуваат со сирово месо и др. продукти од диви и домашни животни (касапи, месари, кувари, домаќинки).

  1. Одржување на лична хигиена и хигиена во домот, често миење на раце со сапун и топла вода, особено после ракување со животински продукти.
  2. Користење на здравствено исправна и безбедна вода за пиење од сигурен извор. Доколку не сте сигурни за исправноста на водата, користете флаширана вода или превривајте ја водата!
  1. Избегнување на капење во води, за кои постои сомнение дека се загадени.
  2. Здравствена едукација и информирање за болеста и начините на пренесување и превенција.
  3. Доколку имате симптоми на заболување и се сомневате дека се работи за туларемија, веднаш побарајте лекарска помош!

Извор: Институт за јавно здравје на РМ

Leave a Reply