Вирусен хепатитис А

Вирусниот хепатит А (епидемиски хепатитис, заразна жолтица) е акутно вирусно заразно заболување со добра прогноза, ретки компликации и со ниска смртност.

Заболувањето се пренесува по фекално-орален пат. Станува збор за заразна болест која може да се појави спорадично или во епидемиска форма, особено во лоши санитарно-хигиенски услови.

Заболувањето ги зафаќа сите возрасни групи, со тоа што детската возраст е најзастапена.

На нашите простори постои изразена сезонска динамика во појавувањето на ова заболување (најголем број заболени се регистрираат кон крај на лето и почеток на есен).

Причинител

Единствен резервоар на вирусниот хепатитис А е човекот, без разлика дали е заболен со типична, со нетипична клиничка слика или асимптоматска форма на заболување. Вирусот може да се најде во столицата, крвта, жолчката, а поретко и во урината на заболениот.

Период на заразност

Инкубација односно времето кое поминува од моментот на влегување на вирусот во организмот до појавата на првите симптоми на болеста изнесува од 15 до 50 дена (најчесто околу 30 дена).

Заболениот е заразен во текот на втората половина од инкубациониот период. Со појавата на жолтицата заразноста почнува да се намалува, односно трае неколку дена по појавата на жолтицата.

Пат на пренос

Главен пат на пренесување е фекално-оралниот пат на пренесување од човек на човек (болест на нечисти раце) односно:

  • преку директен контакт, кој се остварува преку нечисти раце контаминирани со фецес во кој се наоѓа вирусот.
  • преку индиректен контакт со контаминирани предмети за лична или општа употреба(славини од чешми, рачки од врати, школски прибор итн.)

Децата се најмногу подлежни на овие начини на пренос на жолтицата, и кај нив заразната жолтица обично има поблаг тек и пократко трае.

  • Значаен пат на пренесување е контаминирана вода (пиење од непроверени чешми, извори, бунари, во околности на лошо водоснабдување, нередовно контролирани водоводи, посебно после поплави или поголеми хаварии). Тогаш хепатитисот А обично се јавува во форма на масовни епидемии со екплозивен карактер и ги зафаќа сите возрасни групи.
  • Храната е еден од начините на пренесување, посебно онаа која не е термички обработена и се конзумира свежа (пр. салати, сендвичи, немиено овошје и зеленчук и сл.) или термички обработени храна која е секундарно контаминирана од оние кои ракуваат со храната (затоа е значајно здравствено да се контролираат лицата кои работат со храна!).

Клиничка слика и тек на болеста

Симптоми на болеста се: покачена температура, слабост, губиток на апетит, гадење и повраќање, а понекогаш и пролив. Може да се јави болка под десниот ребрен лак, а по неколку дена од појавата на првите симптоми се забележува темна урина (боја на пиво), столица со светла боја и појава на пожолтување на кожата и белките на очите. Најчесто, симптомите исчезнуваат за 1-2 недели, но потполното опоравување трае подолг временски период (4-6 недели).

Превентивни мерки

Основната превенција од хепатитис А е иста како и кај другите цревни заразни заболувања:

  1. Континуирана едукација на населението за секојдневно одржување на добри хигиенски навики како најдобар начин во превенцијата на вирусниот хепатитис,
  2. Редовно одржување на лична и општа хигиена,
  3. Правилното миење на рацете со сапун и со хигиенски исправна водаКористење на хигиенски исправна вода за пиење,
    • после користење на тоалет,
    • пред и во текот на подготвувањето на храната, како и
    • пред секое консумирање на намирници
  4. Користење на хигиенски исправна вода за пиење,
  5. Хигиенско и редовно отстранување на отпадните материи,
  6. Редовно спроведување на превентивни мерки во училиштата  во смисол на
    • Дезинфекција, дезинсекција и дератизација
    • Санитарни прегледи на наставниот персонал

ЈЗУ Центар за јавно здравје

Битола

Leave a Reply