CJZBitola

Центар за јавно здравје Битола, како дел од здравствениот систем во Република Македонија, од областа на превентина медицина, има за цел заштита и унапредување на здравјето на луѓето, преку преземање мерки и активности за спречување и сузбивање на заболувањата кај населението. Тие мерки и активности опфаќаат следење, истражување и проучување на здравствената состојба на населението, причините за појавата и ширењето на заразните и други болести што имаат социјално – медицинско значење , како и влијанието на негативните фактори врз здравјето, предлагање и преземање на мерки заради заштита и унапредување на здравјето на луѓето.

 
       Центар за јавно здравје Битола функционира на територија со вкупна површина од 3.730 км2 или 14,5% од територијата на Р. Македонија, со вкупно опфатено население од 188.705 жители (податоци од Пописот од 2002 година). Во структурата на населението, според типот на населеното место, градското население учествува со 63,3% (бројот на жители во градовите изнесува 119.450 ), а селското со 36,7% (бројот на жители во селата е 69.255).
 
       Во Програмата за превентивна здравствена заштита на ЦЈЗ Битола за 2009 година утврдени се  видот на задачите и активностите, содржината, обемот и роковите за нивно извршување како и финансиските средства потребни за нивна реализација. Исто така со овие мерки, задачи и активности  се обезбедува и спроведување на одредбите на поголем број на закони, со кои се регулираат прашањата за следење, истражување и проучување на здравствената состојба на населението, причините за појавата и ширењето на заразните и други болести, што имаат посебно социјално-медицинско значење и задачите и активностите поврзани со влијанието на еколошките фактори врз здравјето на луѓето, како и негово унапредување.
 
 
       Мерките и задачите ќе ги извршуваат:
  •        санитарно – хигиенската ,
  •        епидемиолошката ,
  •        микробиолошката  и
  •        социјално – медицинската дејност.