ИСТОРИЈАТ НА ЦЕНТАР ЗА ЈАВНО ЗДРАВЈЕ – БИТОЛА

 

Istorijat2_09

Во 1919 година во Битола била формирана Бактериолошка станица сместена во дрвени бараки во кругот на болницата, на сегашната улица “Климент Охридски” бр.15. При крајот на 1921 и почетокот на 1922 година, таа прераснала во Постојана бактериолошка станица, а била сместена во Декерови бараки добиени како воена репарација од Германија, во месноста наречена “Поликлиника”, на сегашната “Партизанска” улица. Со неа раководел бактериологот  д-р Миливоје Ранков. Нејзина задача била да ги испитува и сузбива заразните болести, а пред сe маларијата која била многу распространета и постојано присутна во Пелагонија.

Оваа била една од 15-те такви станици во Југославија, а втора во Македонија, после скопската.

Набргу по сугестија на Хигиенскиот завод на лигата на народите и Министерството за народно здравје, овие бактериолошки станици започнале да еволуираат од дијагностичко епидемиолошки во хигиено епидемиолошки установи, зафаќајки ги проблемите на хигиената на населбите и нивната асанација.
Во текот на 1927 година Бактериолошките станици прераснале во Домови за народно здравје. Тоа биле хигиенско епидемиолошки установи кои во себе содржеле одделенија за хигиенска пропаганда, епидемиологија и дел од социјалната медицина поврзан со унапредување на народното здравје, а се спроведувале и одредени активности од куративната медицина во рамките на епидемиолошката и бактериолошката служба, училишната поликлиника (формирана 1925г. како прва во Македонија), детскиот диспанзер, кожно венеричната, антималаричната, антитуберкулозната служба и ординациите од општа медицина.
Всушност, во организациската структура на здравствената служба за време на бугарската окупација на Македонија, во Битола покрај другите постоела и Обласна хигиенска лабораторија со која раководел д-р Димитар Несторов. Таа се состоела од Антивенерична амбуланта, чиј раководител уште од 1934г. бил д-р Д. Несторов, Антималарична служба, со која до 1943г. раководел д-р Трифун Пановски и Антитуберкулозен диспанзер, чиј раководител бил д-р Михаил Попов. Во нејзини рамки делувала и антирабичната и бактериолошката станица. Во оваа установа работел и епидемиологот и микробиолог д-р Вукашин Попадиќ и неговата сопруга Мирјам Попадиќ која раководела со училишната амбуланта, советувалиштето за мајки со деца и сиропиталиштето.

       По ослободувањето на земјата од фашистичкиот окупатор, оваа значајна превентивна хигиено епидемиолошка здравствена организација доживувала чести промени на името но и на содржината и начинот на работа. Така, во периодот од 1945 до 1946 година се нарекувала Епидемиолошко-бактериолошка станица; Од 1947 до 1960г. Санитарно-епидемиолошка станица; Од 1960 до 1962г. Хигиенски завод; Од 1962 до 31.12.1965г. Завод за здравствена заштита со Здравствен центар; На 01.01.1966 година Заводот се интегрира во новоформираниот Медицински центар “д-р Трифун Пановски” како Хигиено-противепидемиолошка служба до 28.12.1974 година, а после тоа како Хигиено-епидемиолошка служба во ООЗТ Превентивно куративни гранки.

Istorijat2-2_09

  До интеграцијата Центарот за јавно здравје организационо го сочинуваа:
А.)  Општо одделение
Б.) Одделение за општа и применета хигиена со следните отсеци: 1)Комунална хигиена и санитарна техника; 2)Медицина на трудот со диспанзер за професионални болести; 3)Отсек за хигиена на исхраната; 4)Отсек за санитарна хемија и испитување на водата; 5)Отсек за училишна и ментална хигиена.
В.) Микробиолошко-паразитолошко одделение со следните отсеци: 1)Отсек за микробиологија и 2)Отсек за паразитологија.
Г.) Епидемиолошко одделение со 1)Отсек за епидемиологија на заразните болести и 2)Отсек за епидемиологија на масовни незаразни болести.
Д.) Одделение за социјална медицина и организација на здравствената служба со следните отсеци: 1)Отсек за проучување на здравствената состојба на населението; 2)Отсек за проучување и организација на здравствената служба; 3)Отсек за здравствена статистика; 4)Отсек за здравствено просветување.
Службата за трудова медицина не влегува во состав на оваа служба.
Просторните услови за работа на оваа служба доживуваа промени исто како и нејзиното име. Така, пред интеграцијата таа беше сместена во Декерови бараки добиени од воената репарација од Германија. Во истите несоодветни простории остана и по интеграцијата во Медицинскиот центар, во периодот од 1966 до 1973 година. Од 1973 до 1975 година била сместена во приземјето на новиот стационар во нови но ненаменско градени простории, освен за лабораториските служби. Од 1976 година, целата служба, со исклучок на микробиолошко-паразитолошката лабораторија, беа преместени на третиот кат во ДНЗ во простории кои во извесна мера ги задоволуваа потребите.
      Во мај месец 1983 година службата се пресели во сопствена, наменски градена зграда за Центарот за јавно здравјетита во која и покрај тоа што не му припаѓа организационо, сместена е и  Службата за трудова медицина.
       Од 1993 год год службата одново го носи своето  име Завод за здравствена заштита како самостојна републичка институција, која од 1993 година е надвор од рамките на Медицинскиот центар.

Од мај 2009 год со реорганизацијата на законот за јавно здравје, институцијата е преименувана во Центар за јавно здравје – Битола.

mikroskop_star

                                Подготвил Д-р Петар Бојаџиев